Дома / Пишанки / Скопска ситуација депресинг #3

Скопска ситуација депресинг #3

СлаткишиДеновиве немам пишано ни три збора на хартија, полека умирам, дел поради труење од алкохол, дел поради мојата писателска апстиненција. Празници… најлошото време во годината, единствениот период кога се чувствувам по бескорисен од кога и да е. Забава, алкохол, забава, руска слата, алкохол, кафе со алкохол, кифлички, руска и пак алкохол. Утрото доаѓа во три попладне, а појадокот, погодете – руска и кифлички. Цело човеково зло се преточи во оваа оргија на храна и пијалоци, а сетоа тоа е само почеток зошто Бадник и три дена Божик се ближат, па јагнешко, свинско, руска, кифлички, зелник, леб или пита со паричка – кој како милува и дали спомнав дека има и руска… Се трудам да најдам инспирација, но попусто се истрошив за сите пари деновиве па решив да бидам патетичен и да соберам неколку карма поени онака чисто за сушни денови како овие.

Сите на фејсбук се атеисти и будисти, а потајно палат свеќа за здравје во црква и кршат јајца на Партизанска за време Велигден. Најлесно е денес да си тоа што не си, да бидеш кул значи да бидеш различен, а каде на друго место ако не на интернет, тука можете да бидете што сакате, кога сакате и каде сакате. Може да замислите дека сте девојка која потекнува од Верона комшија на Јулија, со која си чукале на плочки за на кафе, дека сте префинети и вашето семејство ужива висок углед и дека Луи Витон доброволно ви праќа подароци само поради тоа што вие сте единствени и сето тоа без ниту еден испушен… Старлета без старлетското, чисто од педигре. Арно ама тоа е само тука, во маало ќе ве знаат сакале или не, зошто градот е мал, а кога градот е мал постои малограѓанштина која како маглата ги гуши луѓето. Затоа перете си го газот секој ден, носете чорапи наопаку, ако црна мачка ви помине пред нозе заобиколете, не поминувајте под столбови во формата на “Л” и не и верувајте на полицијата зошто никогаш не знаете што може да ви се случи. А јас заглавен во средина со еврејско потекло од семејство поделено на мајка христијанка и татко атеист се провлекувам низ сите наши традиции, особено оваа за време на Божиќните празници. Оган за оган, ракија за ракија, леб со паричка, паричката кај мене. Местеле не местеле, јас си го сакам мојот празничен бонус за се што одработив празнициве преку јадење голем број сарми, руска, свинско, пити, кифли и спиење до три попладне.

Меѓутоа зборот беше, ако може едно патетично еврејче кое потекнува од една ваква збунувачко религиозна средина, да се придржува кон нашите традиции, тогаш што ве спречува сите вие сајбер шпиуни да признаете кои сте и што сте без да се криете. Реков огновите се ближат, а кај мене по скопскиот марифет има по неколку огнови во секое маало, па добра прилика е да се наголтаме греена и да заборавиме на разликите, зошто на 6ти е Коледе а после тоа Божик.
Среќни празници, патетично ваш Холовиц.
П.С. Костените НЕ се месо!

Обиди се со

Многу причини зошто не треба да носите кацига

Дали некогаш вистински сте се запрашале која е поентата да носиш кацига додека возиш мотор …