Дома / Пишанки / Летна ситуација депресинг

Летна ситуација депресинг

5130449630_5ff4a9b9b0_z Поминува долго време откако не сум седнал позади тастатура за да отчукам некоја мисла од трезна глава. Би сакал да речам дека е поради летните горештини и лудите моменти кои го исполнуваат слободното време, но за волја на вистината не е така. Како сите млади и стари и кој е да е на ебанава планета што гура ден за ден морав и јас да работам. Така работата се претвара во пари, парите во илузија, илузијата во алкохол, алкохолот во мочка и така кругот на безполезност завршува. Но што можам јас против тоа, освен со повеќе илузија да си ја лечам сопствената рана.

Жештини баш и немаше, летово оваа година или има константен ПМС или пак влезе во оние години па се бори со менопаузата… Дожд, па пеколни температури, попладне да те издува ветер, па ниски температури вечерта, за сабајлето да се разбудиш со пеколно сонце и неиздржлива жештина и така во круг додека не помине неделата за следната недела да биде баш подеднакво иста. Сепак храбро се одлучив дека на овој или оној начин морам да пропатувам и да ги искористам своите три недели од летниот одмор. Си помислувате слобода без никакви ограничувања, ама ова е приватен сектор и тука секогаш има нешто што ќе те ограничува како на пример неделата кога отидов на одмор веднаш бев вратен на работа затоа што нели баш тогаш најдоа сите работи да се извршуваат. Помина и тоа што помина, една недела подоцна Холовиц заедно со својата понежна половина се качи во автобус, не по свој избор, и тргна кон пеколот начерен туристичко патување.

Возењето во автобус ме натера да мразам неколку работи како:

1. Туристички агенции – затоа што мајката нивна цело време лажат колку да ти скрпат некоја понуда.

2. Туристички водичи – затоа што ако некогаш во животот не успееш во ништо ова е последната професија која што само кај нас се добива без никакви предуслови.

3. Шофери – да шофери не возачи на автобус.

4. Автобуси – ако пеколот постои тогаш автобусот мора да излегол од таму затоа што кој те ебе ако сакаш да стигнеш некаде навреме или без некој да поврати.

5. Мали деца во автобус – боже зошто, кој родител е толку садистички настроен да подложи четири годишно дете да се тајта по кривини и да дреме во автобус 16 часа, кој!?

Да бидам фер кон себе и кон останатите некои од овие работи ги мрзев и претходно, но поради љубов и недостаток на слободно време морав да се соочам со ваквата реалност. Немаше се да биде толку лошо, доколку самите не си го направевме лошо. Туристичкиот водич беше катастрофа, но и онака никој не очекуваше ништо повеќе па не бевме баш изненадени. Автобусот пет ѕвезди стандард со седишта правени за џуџиња со најмали нозе на светот и очигледно без колена. А да и селекцијата на музика кроена по светските топ листи на здружението на биртии и пилјари. Руски рулет во моментов беше одлична идеја.

Поминаа десетина саати, милион гранични премини и три лоши филмови, а ние сеуште ни блиску до јадранското приморје и рајот кој што не чекаше таму. Автобусот иако полн од млади парови, освен семејството со мали деца, еден пар се издвојуваше над сите. Знаете оној пар кој што си става лајк на секоја слика, си пишува по статуси колку се сакаат, срциња, гушкања, заеднички профил слики, па можеби и еден FB профил! Епа таков пар кој што не знаејќи како да искажат љубов цело време се гушкаа, бацуваа, чешкаа кикотеа и да се лапаа и најверојатно малото дете не поврати од кривините туку од очајот кој што се одвивааше на тие две седишта. Уште повеќе на задните седиште седеше едно големо друштво на момци и девојки кои галамеа цело време за неповрзани работи, гласно се смееја и го дрвеа за тоа колку ќе пијат и какви дроги ќе зимаат. Вчудоневиден од оваа сензација се свртев позади за да го откријам друштвото кое што ќе не однесеше на најлудите журки на јадранот, а таму соблечени патики и скинати чорапи испружени на седиштата и по некоја лига на маиците.

Како што се редеа часовите, така се повеќе растеше мојата желба да го запалам автобусот и да тргнам пеш. Убеден сум дека доколку тргнев со тротинет ќе стигнев пред него. Од ветените 12 часа поминаа 17 и конечно стигнавме. Со неколку пцовки се разделив од автобусот, шоферите и туристичкиот водич, дополнително го манифестирам своето незадоволство со непристојни гестикулации и продолжив кон својот апартман. Таму за чиста среќа поглед кон море, тераса и фрижидер кој за некое време ќе биде полн со пиво. Едно нуркање во јадранско и сите нервози исчезнаа, па така додека плутав на грб празнејќи ја својата глава се сецнав од помислата дека истот ме чека на враќање, па од небрежност исплакнав шлајм кој најверојатно од основно ми бил залепен за белите дробови.

Толку. Холовиц.

Обиди се со

Многу причини зошто не треба да носите кацига

Дали некогаш вистински сте се запрашале која е поентата да носиш кацига додека возиш мотор …